Македонија Владата финансиски ќе го помогне семејството Зулбеари

Владата финансиски ќе го помогне семејството Зулбеари

Поттикната од трагичниот настан во тетовската населба Поток, во кој семејството Зулбеари во пожар ги загуби мајката и четирите малолетни деца, што длабоко ја потресе целата македонска јавност, Владата денеска ја свика 51. седница и донесе заклучок за доделување на еднократна парична помош, информираат од таму.

„Покрај паричната помош во висина од 300 илјади денари за семејството Зулбеари, на седницата е договорено владина делегација да го посети семејството и непосредно да го изрази длабокото сочувство за оваа трагедија“, се вели во соопштението на Владата.

Владата на денешната седница донела и неколку кадровски решенија. За вршител на должноста, директор на Државниот комунален инспекторат беше именувана Елизабета Јованчева. За директор на Културниот центар во Истанбул, Владата го именуваше Рамадан Рамадани, досегашен вршител на должноста во истата институција.