Свет Балкан „Вијести“: Од Црна Гора, Груевски заминал за Србија

„Вијести“: Од Црна Гора, Груевски заминал за Србија

Од Црна Гора, Никола Груевски излегол во неделата, три часа откако влегол во земјата, и во Србија влегол преку граничниот премин „Добраково“, пишува црногорскиот весник „Вијести“, цитирајќи свои извори.

Весникот пишува дека Груевски влегол со неговата лична карта во Црна Гора преку граничниот премин „Божај“ во 19.19 часот на 11 ноември.

-Не се појавила никаква заштитна мерка на системот за пребарување – вели изворот на „Вијести“.

Според него, Груевски бил во автомобил „фолксваген џета“ со регистерски таблички CD 1023, во друштво на Антал Кулсар и Шаба Варсалваи, носители на унгарски дипломатски пасоши.

– Територијата на Црна Гора ја напуштил истиот ден, во 22:16 часот, преку граничниот премин „Добраково“. Во Србија влегол со автомобил со регистерски таблички 55А05, во кој биле и Золтан Јозеф Часар и Шаба Фелеѓхази, исто така носители на дипломатски пасош на Унгарија – објаснува изворот на црногорскиот весник.

На веб-сајтот на амбасадата на Унгарија во Подгорица пишува дека Часар е заменик на амбасадорот, а Фелеѓхази е конзул.