Македонија В недела шефот на холандската дипломатија, Кундерс, доаѓа во Скопје, на пат...

В недела шефот на холандската дипломатија, Кундерс, доаѓа во Скопје, на пат за Атина

Шефот на холандската дипломатија, Берт Кундерс, в недела ќе ги посети Македонија и Грција, соопштија од холандската амбасада, чија земја претседава со ротирачкото претседателство на Европската унија.

На средбите со македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, и со грчкиот премиер, Алексис Ципрас, ќе стане збор за бегалската криза и за можностите за подобра соработка меѓу земјите од западнобалканската рута. Предвидена е и посета на македонско-грчката граница, каде бегалците пристигнуваат на нивниот пат кон Северозападна Европа.

– Притисокот врз границите на Македонија станува поголем кога земјите од транзитната рута ставаат поригорозни контроли на своите граници. Ова треба да се сфати сериозно. Солидарноста не треба да запре на границите на ЕУ. Нашите соседи се дел од решението на овој проблем – изјави Кундерс пред претстојната средба со Иванов, со кој ќе разговара за предизвиците со кои се соочуваат земјите од западнобалканската рута.

За време на посетата на Атина, Кундерс и Ципрас ќе разговараат за поефикасен надзор на надворешните граници на ЕУ и за подобрување на регистрацијата на бегалците. Шефот на холандската дипломатија ќе го повтори ставот на холандското претседателство дека сите земји-членки на ЕУ мораат да ги исполнат своите обврски за соодветно функционирање на шенген-зоната.