Спорт В недела ќе се одржи Скопскиот маратон

В недела ќе се одржи Скопскиот маратон

Дванаесеттото издание на „Ви зер – Скопски маратон“ ќе се одржи в недела, со почекот во 8.45 часот, кај Порта „Македонија“. На маратонот ќе учествуваат 7.000 маратонци и рекреативци од 46 земји. Пријавените учесници можат да ги подигнат своите стартни пакети денеска и утре од 10 до 19 часот во холот на Конгресниот центар „Александар Македонски“, поранешната Универзална сала.

Град Скопје за маратонот од буџетот ќе издвои 1.200.000 денари, а на располагање ќе бидат сите градски претпријатија.

– Ги повикувам граѓаните на Скопје, в недела, на 8 мај, да излезат во што поголем број, да им посакаат добредојде и да им дадат силна поддршка на овие храбри спортисти и рекреативци, а сите заедно да се дружиме и да го прославиме Денот на Европа на најубавиот можен начин – рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Град Скопје за маратонот од буџетот ќе издвои 1.200.000 денари, а на располагање ќе бидат сите градски претпријатија.

Директорот на „Ви зер – Скопски маратон“, Кире Синадиновски, нагласи дека в недела ќе се трчаат четири трки, маратон, полумаратон, штафетен маратон и трка на 5.000 метри.

– Годинава имаме квалитетна стартна листа, со познати маратонци и во машка и во женска конкуренција, па очекуваме и рекорди. Наградниот фонд на маратонот изнесува 17.100 евра. И оваа година организираме конкурси за избор на најдобар транспарент и за најдобра фотографија– објасни Синадиновски.

Скопскиот маратон традиционално се организира по повод Денот на Европа.