Македонија Утре нова координација за избор на претседател на Комисијата за избори и...

Утре нова координација за избор на претседател на Комисијата за избори и за именувања

Ниту по паузата парламентарните политички партии денеска не постигнаа договор за претседател на собраниската Комисија за избори и за именување и ја одложија координацијата за утре во во 12 часот.

Изборот на претседател на Комисијата е основа за закажување на продолжението на конститутивната седница на Собранието, на која треба да биде избран претседател на законодавниот дом.

Вчера партиите се договорија само околу бројот на членови на Комисијата, односно ВМРО-ДПМНЕ да има шест членови, СДСМ – пет, а по еден член ќе имаат ДУИ и Беса.

Според ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Комисијата за избори и за именување треба да се избере од најголемата пратеничка група во собранието без исклучок, со што не се согласува СДСМ, кој смета дека претседателот треба да го даде мнозинството во Собранието.

Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, по вчерашните средби со лидерите на парламентарните политички партии изјавија дека уште во наредните неколку дена бараат да видат сериозно и одговорно државништво и брзо формирање на нова влада.