Македонија Усвоен предлог-законот за заштита од дискриминација, ќе се гласа во Собрание

Усвоен предлог-законот за заштита од дискриминација, ќе се гласа во Собрание

На вчерашната седница, Владата повторно го разгледа и усвои Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, кој ќе биде испратен до Собранието на РСМ на усвојување. Со ова се отвора нова можност законот да биде изгласан, откако во мај годинава со одлука на Уставниот суд беше укинат, согласно со член 75 став 3 од Уставот.

„Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација има добиено позитивни мислења од Венецијанската комисија, од Обединетите нации, од Европската Унија и од ОБСЕ-ОДИХР, кои оценуваат дека Република Северна Македонија, со ова ново законско решение, прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди за човекови права“ велат од Владата.

Пред да се одржат парламентарните избори во јули, девет мрежи на здруженија на граѓани кои заедно бројат повеќе од 100 здруженија ги повикаа политичките партии кои учествуваат во изборите да ја поддржат декларацијата за приоритетно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на идниот парламентарен состав. Седумнаесет политички партии ја потпишаа Декларацијата за приоритетно донесување на Законот.

Мета.мк и претходно пишуваше за неопходноста на овој закон, како и за последниците со кои се соочуваат граѓаните во државата поради бавното донесување на истиот.

Инаку со овој закон се уредуваат превенцијата и забраната од дискриминација, облиците и видовите на дискриминација, постапките за заштита од дискриминација како и составот и работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.