Дрндаревска: Откако се укина Законот за заштита од дискриминација се вративме на почетокот на борбата

Драгана Дрндаревска, Коалиција Маргини / Фото: Лична архива

Јуни е месец кога се слави гордоста на ЛГБТИ заедницата, која е една од најмаргинализираните во земјава, но и насекаде во светот. ЛГБТИ лицата секојдневно се соочуваат со предрасуди, дискриминација, вербално и физичко насилство. Но како искра на локално ниво, беше минатогодишното одржување на првата парада на гордоста во Република Северна Македонија. Една година подоцна, разговараме со Драгана Дрндаревска, правничка, активистка и е дел од тимот на Коалиција МАРГИНИ. Таа вели дека ситуацијата не е многу променета, но дека парадата сама по себе е голем успех за ЛГБТИ движењето во државата, а воедно беше и протестен собир на кој луѓето побараа еднакви права, заштита од насилство и дискриминација, како и подобар пристап до правда.

„Можам да кажам дека во секојдневниот живот на ЛГБТИ луѓето нема некакви подобрувања. Секако, една година е прекреток период за да се почувствуваат резултати во секојдневието, дури и во случај властите посветено да работата и да спроведуваат поволни политики и закони. Од промената на власта во 2016 година, имаме некакви унапредувања на правата на ЛГБТИ луѓето, но воглавно на ниво на законска рамка и зголемена соработка со надлежните институции. Но, со укинувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација повторно се вративме на почетокот на борбата“ изјави Драгана Дрндаревска за Мета.мк.

Минатиот месец, Уставниот суд го укина Законот за спречување и заштита од дискриминација откако беше донесен без потребното мнозиноство, односно за истиот не гласале 61 пратеник во Собранието. На овој начин се остава простор да се задлабочат веќе постоечките проблеми со кои се соочуваат маргинализираните, помеѓу кои и ЛГБТИ лицата. Дрндаревска очекува и повикува на итно донесување на законот од следниот парламентарен состав, веднаш по неговото формирање.

Драгана Дрндаревска / Фото: Лична архива

„Десет години се залагаме за донесување на закон кој го штити правото на еднаковост на секој граѓанин. Доколку идниот парламентарен состав не го донесе овој закон во најскор можен рок, пораката која пратениците ќе ја пратат до граѓаните е дека немаат нити намера нити волја да ги почитуваат човековите права на сите граѓани. Позитивно е тоа што законот е исклучително важен за ЕУ интеграцијата, па оттука мора да се донесе“ додава таа.

Дрндаревска вели дека на граѓаните и на активистите не им преостанува ништо друго, освен да ја продолжат борбата. Тие и понатаму, без разлика која владејачка коалиција е на власт, ќе бараат напредок на полето на човековите права, како и професионални и независни институции кои работат врз основа на законите и донесените политики, воедно почитувајќи и заштитувајќи ги човековите права и на ЛГБТИ лицата. Во односот на политичките елити кои се менуваат на власт, Дрндаревска вели дека од претходната гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ, ЛГБТИ заедницата се соочувала со игнорирање, отворена хомофобија и трансфобија, која беше видлива од нападите на ЛГБТИ Центарот за поддршка, како и пропаганда во која ЛГБТИ луѓето беа обележувани како непријатели на државата.

„Од СДСМ секако очекувавме да не спроведуваат политики против ЛГБТИ луѓето, а ова е очекување кое го исполнија. Другото и поважно очекување и ветување, да се унапредат правата на ЛГБТИ луѓето речиси и да не е воопшто остварено, особено откако не успеаа да го донесат Законот за спречување и заштита од дискриминација со потребното мнозинство“ – потенцира Дрндаревска.

Таа е децидна дека ЛГБТИ луѓето сѐ уште немаат доверба во институциите, особено полицијата. Од друга страна, полицијата не им нуди еднаков пристап и ефикасна заштита од насилство и други кривични дела мотивирани од омраза. Како што вели таа, ова се должи на долгогодишната стигма.

„Стигмата кон ЛГБТИ луѓето во полициските станици не е променета, а веројатноста да те исмејат затоа што си трансродова жена сѐ уште е голема. МВР нема ефикасен систем на внатрешна контрола, а најверојатно и не постои политичка волја за спроведување на соодветен надзор и казнување на полициските службеници кои не постапуваат согласно законите, ги дискриминираат или малтретираат ЛГБТИ луѓето и другите маргинализирани групи“ смета Дрндаревска.

И покрај законските обврски, институциите немаат капацитети, а некои немаат нити волја да ги почитуваат и гарантираат правата на ЛГБТИ луѓето. Наместо тоа практикуваат самоволие, неказнливост и делуваат врз основа на лични предрасуди, вели Дрндаревска.

„Во јануари 2019 година Коалицијата Маргини доби позитивна пресуда од Европскиот суд за човекови права за случајот Х против Македонија, каде се работеше за правно признавање на родот за трансродов маж. Иако е помината една година и шест месеци од донесувањето на пресудата, личните документи на X сѐ уште не се изменети, а Управата за матична евиденција одбива да ја спроведе пресудата“ појаснува правничката од Коалиција МАРГИНИ.

Статистиката со која располага Коалицијата во однос на нападите врз ЛГБТИ заедницата покажува дека хомобичниот и трансфобичниот говор на омраза, како вербално и социјално насилство над ЛГБТИ луѓето, е присутен секојдневно на социјалните мрежи и на порталите.

„Во Коалиција Маргини се документираат случаи на повреда на правата на ЛГБТИ луѓето, најчесто од страна на самите жртви. На пример, минатата година сме имале 49 документирани случаи на насилство врз ЛГБТИ луѓето, од кои 24 вербално и 16 физичко насилство. Истата година се документирани и 6 случаи на вербално и психолошко насилство и еден случај на физичко насилство на ЛГБТИ луѓе од страна на полициски службеници“ – истакнува правничката.

Дрндаревска појаснува дека треба да се има предвид дека не се работи за репрезентативни податоци, туку само за податоци од нивната работа, добиени од ЛГБТИ луѓе кои ги познаваат и се охрабрени да документираат и користат услуги од граѓански организации.

„Реалните бројки се многу поголеми. Речиси и да не постои ЛГБТИ лице кое не било жртва на некаков вид насилство, особено во текот на основното и средното образование“ заклучува Дрндаревска.