Девет мрежи на здруженија на граѓани кои заедно бројат повеќе од 100 здруженија ги повикуваат политичките партии кои учествуваат во парламентарните избори да ја поддржат декларацијата за приоритетно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на идниот парламентарен состав.

„Целта на декларацијата е политичките партии да се обврзат дека овој Закон ќе го донесат веднаш по формирањето на Собранието на Република Северна Македонија, без дополнителни одолговлекувања и дека потоа, во согласност со законскиот рок, ќе го изберат новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Овој Закон го штити уставно гарантираното право на еднаквост на граѓаните, предвидува постапка за заштита од дискриминација, активно преземање на мерки за спречување на дискриминација и промоција на еднаквоста на сите граѓани, а особено на најмаргинализираните групи“ велат од здруженијата.

Оттаму освен за итно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и за проведување на транспарентна постапка за избор и за именување на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во согласност со законски утврдените услови и рокови, бараат и безбедување на услови, вклучително и на финансиски ресурси, за непречено и независно функционирање на оваа комисија. Воедно потенцираат дека е неопходна и промоција и унапредување на принципите за еднаквост и за недискриминација со цел градење на хумано и фер општество за сите луѓе во државата.

Иницијатори на декларацијата се: Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД), Национална мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата (НМХТ), Платформа за родова еднаквост, Македонска платформа против сиромаштија (МППС), Мрежа 23, Неформална мрежа на ромски организации, Блупринт група за реформи во правосудството, Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата и Платформа за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ.