Македонија Уставен суд ја поништи владината уредба за минималец за функционери, судии и...

Уставен суд ја поништи владината уредба за минималец за функционери, судии и обвинители

Уставните судии на денешната седница ја поништија владината уредба за намалување на платите на функционерите, судиите и обвинителите за април и мај на 14.500 денари месечно. Владата ја донесе ваквата уредба како една од мерките во борбата против епидемијата со корона вирусот во земјава, како и за справување со финансиските потешкотии за државниот буџет што произлегоа од Ковид-19.

Покрај тоа што ги поништи владините уредби со законска сила за определување на платите на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор, Уставниот суд ги поништи уредбите и за ограничувањата на исплатата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, се наведува во соопштението на Уставниот суд.

Ваквата одлука на Уставниот суд значи дека сите функционери, судии и обвинители ќе ги земат полните плати за април и мај 2020 година, вклучувајќи ги и самите уставни судии. Истовремено, на вработените во целиот јавен сектор ќе мора да им се исплатат додатоците и надоместоците на плата.

Уставниот суд на денешната седница ги донесе одлуките за прогласување на овие уредби за противуставни, откако на крајот на април судиите одлучија привремено да го запрат извршувањето на овие владини уредби во период на вонредната состојба.