Свет Балкан Уште 1.006 бегалци пренесени од Идомени кон бегалските центри

Уште 1.006 бегалци пренесени од Идомени кон бегалските центри

Со 20 автобуси денеска од Идомени кон бегалските центри во Солун беа преселени 1.006 бегалци. Со ова, вкупната бројка на официјално пренесени бегалци е над 3.000.

Акцијата за релоцирање и денеска се одвиваше мирно, без инциденти. Меѓутоа дел од бегалците одбиваа да влезат во автобусите со објаснување дека не сакаат да одат во бегалските центри бидејќи не знаат што ги очекува таму и самоницијативно заминуваа по автопатот кон Солун.

Според неофицијалните информации илјадници луѓе кои немаат бегалски статус избегале кон планинските погранични села бидејќи стравуваат дека ќе бидат депортирани и нема да добијат шанса за азил.

Портпаролот на координативното тело за справување со бегалската криза, Јоргос Кирицис преку „Твитер“ најави дека е расчистена железничката пруга кај Идомени и грчката железница од утре ќе почне со проверки за да се врати во функција линијата Солун-Скопје.

Се очекува дека за неколку дена пругата одново ќе биде функционална за патнички и товарен превоз по повеќе од два месеци блокада.