Подглавна секција Ураганот Иан се приближува кон Флорида, направи пустош низ Куба и целиот...

Ураганот Иан се приближува кон Флорида, направи пустош низ Куба и целиот остров остана без струја

Фото: Radar of Hurricane Ian

Кубанските власти работат на обновување на струјата во земјата со 11 милиони жители откако ураганот Иан го зафати западниот регион со силни ветришта и опасно невреме, што предизвика затемнување на целиот остров, пренесе Си-ен-ен.

Целата Куба остана без струја откако Иан со налети на ветар до 250 километри на час предизвика огромни штети и поплави.

Државниот Национален електричен систем на земјата ја исклучи струјата во главниот град Хавана за да избегне струен удар, смртни случаи и материјална штета додека не се подобри времето. Сепак, невремето предизвика замрачување на целата земја по што, според државниот информативен канал ТелеПинар, властите почнаа евакуација на повеќе од 38.000 жители од нивните домови во провинцијата Пинар дел Рио.

Во САД, Националниот центар за урагани (НХЦ) соопшти дека Иан најверојатно ќе удри јужно од Тампа, во сојузната држава Флорида, во близина на Сарасота, каде што има долги песочни плажи и многубројни одморалишта. Аеродромите во областа Тампа се затворени од вторникот попладне по локално време, додека други низ Флорида најавија голем број откажувања на летови.

На повеќе од 2,5 милиони жители на Флорида им е наредено или се предупредени да се евакуираат додека ураганот Иан се движи кон нив со ветер со брзина до 200 километри на час. Се очекуваат високи бранови, поплави и силни ветрови.