Свет Европа УНХЦР: Затворањето на границите во Европа ќе предизвика хаос

УНХЦР: Затворањето на границите во Европа ќе предизвика хаос

Затворањето на границите внатре во Европа, кое го презедоа европските држави поради загриженоста предизвикана од бегалската криза, ќе предизвика „дополнителен хаос и конфузија“, предупреди денеска новиот шеф на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Филипо Гранди.

– Особено сум загрижен поради вестите што ги добиваме за затворање на сè поголем број европски граници долж балканската рута, затоа што тоа ќе предизвика дополнителен хаос и конфузија – рече Гранди за време на посетата на грчкиот остров Лезбос.

Околу 8.000 бегалци и мигранти за заглавени во Грција откако Македонија во неделата забрани влез на Авганистанци и воведе построги контроли на патните документи за Сиријците и за Ирачаните. Истото го направија и други земји долж бегалската рута, кои одбиваат влез на Авганистанци.

– Toа ќе го зголеми оптоварувањето на Грција, која и онака презела голем дел од одговорноста кога станува збор за прифаќање бегалци, а се случува во момент кога немаме алтернатива – рече Гранди.

Тој додаде дека степенот на примена на програмата на ЕУ за распоредување 160.000 бегалци од Грција и од Италија во други земји е „премногу низок“, а оти новиот план за директно раселување на бегалци од Турција „сè уште не почнал да се применува“.

„Затоа затворањето на границите или нивната остра контрола, во отсуство на легални и безбедносни алтернативи, интензивира хаос и веројатно ќе го зголеми илегалното движење на луѓето, кои се доведуваат во опасност – вели шефот на УНХЦР.