Свет Балкан Унгарија ќе стави вето врз евентуални санкции од ЕУ за Милорад Додик

Унгарија ќе стави вето врз евентуални санкции од ЕУ за Милорад Додик

Милорад Додик., 2016 година Фото: Medija centar Beograd, Wikimedia Commons

Официјална Будимпешта ќе стави вето врз кој било предлог на ЕУ да се воведат санкции за Милорад Додик, српскиот член во трочленото претседателство на Босна и Херцеговина, напиша унгарскиот министер за надворешни работи и за трговија, Петер Сијарто на Фејсбук.

Тој потсети дека новата министерка за надворешни работи на Германија, Аналена Баербок неодамна побара да се воведат ЕУ санкции против Додик.

„Загрижени сме поради ваквите изјави бидејќи БиХ ни е блиска. Сочувувањето на стабилноста и мирот во земјата е наш основен безбедносен интерес. Берлин е подалеку, но не толку далеку за да не може да долетате во Бања Лука од таму. Долетајте и преговарајте. Разговарајте со Србите. Со нив, не за нив. Можеби ова ќе помогне да ја разберете ситуацијата“, напиша Сијарто.

Баербок побара санкции поради политиката за отцепување на српскиот ентитет во БиХ, односно Република Српска од федералната држава. Пред една седица, по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, Баербок барајќи поголем притисок од страна на ЕУ, ситуацијата во БиХ ја опиша како загрижувачка.

„Обидите за отцепување се неприфатливи, а ова исто така значи – и јас веќе тука лобирав за тоа – дека постоечкиот систем за санции треба да се примени и врз Додик“, рече таа.

Нешто слично во ноември побара и нејзиниот претходник Хеико Маас.

Инаку, парламентот на Република Српска на 10 декември гласаше да се пренесат овластувањата од централните институции на БиХ врз институциите на Република Српска. Поточно, на централната власт на федералната држава со тој акт ѝ „се одзедоа“ надлежностите во оданочувањето, правосудството и безбедноста и одбраната и се префрлија на српскиот ентитет.