Свет Балкан Унгарија ја затвори границата со Хрватска, Загреб подготвил „план Ц“

Унгарија ја затвори границата со Хрватска, Загреб подготвил „план Ц“

Ноќеската, четириесетина минути по полноќ, унгарските власти ја затворија „зелената“ граница со Хрватска, поставувајќи бодликава жица, за да ги спречат мигрантите да влезат на нејзина територија.

Како што пренесува хрватската државна телевизија ХРТ, унгарската полиција по полноќ објавила дека границата ја затвора само за мигрантите без соодветни документи, додека редовниот сообраќај преку легалните гранични премини ќе се одвива непречено.

Во меѓувреме, поради настанатата ситуација, хрватските власти соопштија дека подготвиле и почнуваат со реализација на „план Ц“, кој предвидува пренасочување на мигрантскиот коридор кон Словенија. Ова синоќа го соопштил министерот за внатрешни работи на Хрватска, Ранко Остојиќ, кој изјавил дека сè додека Германија и Австрија ги примаат мигрантите, Словенија ќе го почитува приемот на мигранти од Хрватска. Тој појаснил дека мигрантите со возови ќе бидат превезувани од Товарник до Чаковац, а оттаму со автобуси до граничните премини Мацељ и Мурско Средишче со Словенија.

Од словенечка страна, пак, одговараат дека не знаат за никаков „план Ц“, а за денеска е закажана седница на советот за национална безбедноста на Словенија. Словенечките власти на својата шенгенска граница испраќаат полициско засилување.

– „План Ц“ не постои. Не знам за што станува збор. Ги демантирав сите тврдења што кружеа во јавноста за наводен договор меѓу Словениа и Хрватска за хуманитарен коридор. Нема договор со Хрватска за организиран транспорт на мигранти кон Австрија – ја цитира ХРТ, изјавата на словенечката министерка за внатрешни работи, Весна Гјоеркоес Жнидар.

Хрватската министерка за надворешни работи, Весна Пусиќ, пак, тврди дека Хрватска и Словенија имаат договор, иако тој децидно не е наречен „план Ц“.

– Ние „планот Ц“ не го правевме со Словенија. Ние со нив работевме на еден план, а тоа е договор за соработка доколку Унгарија ги затвори границите“ – изјави Пусиќ.