Економија УНЕСКО со 115.500 долари ќе поддржи четири проекти во Македонија

УНЕСКО со 115.500 долари ќе поддржи четири проекти во Македонија

Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) издвои вкупно 115.500 американски долари во рамки на Програмата за партиципација 2014 – 2015 година, за да поддржи четири проекти пријавени од Република Македонија, соопшти денеска Министерството за култура.

„Станува збор за проектите „Развојна рамка за клучни компетенции за ЧР професионалци како основа за креирање дуален систем на образовна програма за менаџмент на човечки ресурси“, караванот „Да живееме едни со други, а не едни покрај други“ втор дел, проектот за промоција на природното и културното наследство на Маркови кули и регионалниот предлог-проект „Женските права низ призмата на аудиовизуелните уметности во земјите од Југоисточна Европа”“, стои во соопштението.

Со реализација на проектите, според Министерство за култура, ќе се придонесе за унапредување на меѓукултурниот и меѓурелигискиот дијалог, како и за унапредување на културните, едукативните и на еколошките вредности во нашата земја.

Во програмата за партиципација на УНЕСКО во изминатите години успешно се реализирани повеќе од 40 проекти од Македонија. До крајот на годината се очекуваат резултатите од Меѓународниот фонд на УНЕСКО за културна разноликост, каде Република Македонија аплицираше со четири проекти.