Македонија Улиците во Стајковци под вода, но засега нема вода во подрумите и...

Улиците во Стајковци под вода, но засега нема вода во подрумите и во куќите

Улиците во скопско Стајковци се полни со вода, но опасност од поплава барем засега нема, велат жителите од ова село.

Тие додаваат дека состојбата со водата низ улиците не е алармантна, но ако дождот продолжи и понатаму засилено да врне, стравуваат да не се случи истото како летото, кога во силното невреме голем број од домовите беа уништени, а имаше и жртви.

Жителите на Стајковци објавија фотографии од поплавените улици и на социјалните мрежи, каде пишуваат дека веќе се обратиле во Центарот за управување со кризи.

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска предупредија на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците. Оттаму велат дека обилните врнежи и истекувањата на водите можат да предизвикаат појава на свлечишта и на одрони.