Свет Европа Украина тврди дека освоила веќе окупирани територии кај Бахмут, Русија демантира

Украина тврди дека освоила веќе окупирани територии кај Бахмут, Русија демантира

Украинската заменик-министерка за одбрана го обвини Кремљ дека истовремено шири информации за лажни победи од една страна, а исто така не престанува да објавува лаги дека нема оружје и муниција

Извор на фотографија: Генералштаб на украинската армија

Украина вели дека успеала да поврати дел од веќе окупираните територии од Русија кај градот Бахмут, што е редок напредок по неколкумесечните успешни руски придобивки во источниот град во Донецкиот регион, јавува Би-би-си.

Заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Маљар рече дека украинските сили напреднале два километри за една недела. Тврдењата сигнализираат промена на моментумот во Бахмут, кој руските сили не успеваат да го освојат со месеци наназад.

Русија ги негираше извештаите за украинските придобивки по тврдењата на двете страни.

„Индивидуалните изјави на Телеграм за „пробив“ на неколку точки на фронтот не одговараат на реалноста“, соопшти руското Министерство за одбрана.

Украинската заменик-министерка за одбрана го обвини Кремљ дека истовремено шири информации за лажни победи од една страна, а исто така не престанува да објавува лаги дека нема оружје и муниција.

Сепак, и Евгениј Пригожин како шеф на платеничката група Вагнер вчера ги обвини редовните руски трупи за напуштање на позициите во Бахмут.

„Ситуацијата на страните се развива според најлошото предвидено сценарио“, рече тој.

Руски воени блогери пријавија напредок на Украина или движење на војници во неколку области.

Американскиот Институт за проучување на војната ги потврди украинските информации, велејќи дека украинските сили веројатно постигнале добивка во длабочина од два километри во Бахмут.

Надвор од линијата на фронтот во Бахмут, Би-би-си јавува за голема експлозија во окупираниот град Мелитопол што се случила утрово во центарот на градот.

Не е познато што ја предизвикало експлозијата, но украинските воздухопловни сили извршиле 14 напади врз руските сили и воената опрема во четвртокот, соопштија вооружените сили на Украина.

Покрај воздушните напади, Украина соопшти дека уништила девет руски дронови и извршила успешни напади врз десетици воени цели, вклучувајќи артилериски единици, складиште за муниција и опрема за противвоздушна одбрана.