Главна секција Украина прогласи 30-дневна вонредна состојба и започна мобилизација на резервистите

Украина прогласи 30-дневна вонредна состојба и започна мобилизација на резервистите

Oд одбележувањето на 30-годишнината на независноста на Украина на Плоштадот на независноста во Киев. Фото: Кабинет на претседател на РСМ, 24 август 2021

Украина денеска прогласи 30-дневна вонредна состојба на нејзината територија поради воените тензии на источната граница со Русија, јавува Би-би-си.

Украинскиот парламент денеска во прво читање „го помина“ законот што на Украинците им дозволува да носат оружје во самоодбрана.

Олексеј Данилов, секретарот на Државниот совет за национална безбедност изјави дека прогласувањето на вонредна состојба може да значи дека на Украинците ќе им биде наредено да останат дома или да бидат ставени под полициски час.

Украинските државни власти ги повикаа своите државјани под итно да ја напуштат територијата на Русија. Се верува дека дури 3 милиони Украинци живеат во Русија, а голем број луѓе имаат членови на семејствата од двете страни на границата.

Воедно, Украина денеска ја започна мобилизацијата на резервистите на возраст од 18 до 60 години, стравувајќи од можна руска инвазија.

Инаку, Украина ги поздрави санкциите кон Русија за нејзините активности во источна Украина, но, повика да се воведат уште санкции од Западот во брзо време, велејќи дека тие се неопходни за да се попречи рускиот претседател Владимир Путин во натамошна агресија.

„Првите одлучни чекори беа преземени вчера и ние сме благодарни за нив“, напиша на Твитер украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, кој додаде дека „сега притисокот треба да се зголеми за да се стопира Путин. Погодете ги неговата економија и помошници. Удрете повеќе, поцврсто и сега“.

САД, Европската Унија, Канада, Британија и Германија, вчера воведоа санкции и најавија уште потешки мерки ако Русија продолжи да дејствува на сегашниот курс.