Свет Европа Украина предупредува за нова руска офанзива што ќе коинцидира со годишнината од...

Украина предупредува за нова руска офанзива што ќе коинцидира со годишнината од агресијата

Фото: The image was posted by chief39 on Pixabay

Русија се подготвува за максимална ескалација на војната во блиска иднина, а главните битки допрва доаѓаат, предупредува секретарот на Националниот совет за безбедност и одбрана на Украина, Олексиј Данилов, во интервју за „Скај Њуз“ што го пренесува Укринформ.

Данилов не ја исклучува можноста рускиот претседател Владимир Путин да се обиде да ја нападне уште еднаш Украина од правците север, исток и југ, а новата офанзива можно е да коинцидира со годишнината од почетокот на воената агресија врз Украина – 24 февруари.

Истовремено, тој додава дека украинските власти се подготвуваат за сите можни варијанти и потенцира дека Украина сега има значително поголема поддршка од западните партнери во споредба со периодот од пред една година.

Данилов прогнозира дека половина од 350.000 мобилизирани војници од страна на Русија во септември лани ќе бидат вклучени во вториот бран на руска офанзива, без оглед на периодот кога таа ќе се случи. Главните борби во Украина допрва доаѓаат, додава тој, прогнозирајќи дека тие ќе се случуваат годинава, и тоа во наредните два до три месеци. Со ова, Данилов го објаснува барањето на Украина кон западните сојузници за побрзо испраќање на поголемо количество на воена помош.

Во изминатово деноноќие се регистрирани нови загинати и повредени цивили во Украина. Како последица на руските воени дејствија во Донецкиот регион, во изминативе 24 часа загинале четворица цивили, јавува Укринформ. Руските ракети лансирани кон градот Херсон убиле еден цивил, додека едно лице било рането, пренесува овој украински медиум.

Во ракетирањето на градот Купјанск во Харкивскиот регион бил повреден еден цивил, додека во регионот Суми на североистокот на Украина биле ракетирани пет населени места. Покрај материјалната штета, во ракетните напади имало и повредени граѓани, но украинските власти не го откриваат вкупниот број, пренесува Укринформ.