Свет Балкан Уапсен Милан Радоичиќ, одреден му е 48-часовен притвор

Уапсен Милан Радоичиќ, одреден му е 48-часовен притвор

Радоичиќ ја презеде целокупната одговорност за случувањата во селото Бањска на северот на Косово

Извор на фотографии: Косовска полиција и Petrit Rrahmani - https://kryeministri-ks.net/en/prime-minister-haradinaj-hosted-the-president-and-vice-president-of-the-serbian-list/, Public Domain, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=138138956

На доскорешниот потпретседател на Српската листа Милан Радоичиќ, денеска му е одреден притвор од 48 часа, откако полициските службеници на Управата за криминалистичка полиција извршиле претрес во неговиот стан и други простории, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.

Како што пренесува Н1, Радоичиќ пред неколку денови се одзва на повикот на државните органи на Република Србија и тогаш беше соопштено дека во форма на извештај ќе биде известено Обвинителството во Белград, кое ќе ги преземе понатамошните работи кои се во негова надлежност.

Радоичиќ ја презеде целокупната одговорност за случувањата во селото Бањска на северот на Косово.

„Ја информирам јавноста дека заедно со моите сонародници, на 24 септември дојдов на северот на Косово и Метохија во регионот на Бањска“, кажал тој во изјава.

Тој додал дека причина за неговото враќање на Косово била „да го охрабри народот во отпорот кон режимот на Албин Курти“.

Радоичиќ во изјава истакнал и дека во тоа немал никаква помош од властите во Белград, ниту пак, ги известил за неговите намери бидејќи тие веќе се разишле во нивни одредени ставови.

Во неделата, на 24 септември во селото Бањска беше убиен косовски полицаец по што следуваше акција на специјалните единици на косовската полиција, насочена кон вооружена група која засолниште се обидела да најде во манастирот во Бањска. Во акцијата беа убиени тројца Срби, со потекло од северно Косово.

Доскорешниот потпретседател на Српската листа Милан Радоичиќ ја презеде одговорноста за овие случувања.