Свет Уапсен директорот на авиокомпанијата чиј авион се урна близу Меделин, Колумбија

Уапсен директорот на авиокомпанијата чиј авион се урна близу Меделин, Колумбија

Боливиските власти го уапсиле директорот на авиокомпанијата „Ламија“, чиј авион се урна во Колумбија, при што загинаа 71 лице, вклучувајќи го и речиси целиот фудбалски тим од Бразил – „Шапикоенсе“, јавуваат светските агенции.

Директорот на боливиската чартер-авиокомпанија „Ламија“, Густаво Варгас, бил уапсен ноќеска, а обвинителот Иван Кинтанила, инаку член на меѓународната комисија задолжена за истраги на несреќи, за медиумите соопштил дека биле уапсени и секретарот и главниот механичар на компанијата.

Авионот на компанијата „Ламија“ со кој патуваа 77 лица се урна на 29 ноември, на летот од Боливија до Меделин, во Колумбија. Во несреќата загинаа 71 лице, меѓу кои и 19 членови на фудбалскиот клуб од Бразил, кој патуваше на финалниот натпревар од регионалниот куп.

Боливиското јавно обвинителство соопшти дека е формирана комисија од боливиски, бразилски и колумбиски обвинители која треба да ја истражи несреќата.

Боливиските власти вчера извршиле претрес на просториите на управата на аеродромот и на канцеларијата на компанијата „Ламија“, а вработената која го одобрила планот за лет на авионот, е во бегство во Бразил.

Причините за падот на авионот сè уште не се официјално познати. Истражителите се фокусирани на индициите дека авионот останал без гориво, бидејќи екипажот не го почитувал планот за снабдување со гориво, поради што не било направено слетување за дополнување на резервоарите.

Боливиската влада претходно ја суспендираше дозволата за летање на авиокомпанијата „Ламија“.