Свет Балкан Церар: Напролет е можен нов огромен бран мигранти во Европа

Церар: Напролет е можен нов огромен бран мигранти во Европа

Словенечкиот премиер, Миро Церар, денеска во разговор за словенечкото радио изјавил дека напролет е можно кон Европа да тргне нов голем бран од милиони мигранти, кои во моментов се наоѓаат во камповите во Турција.

„Не станува збор само за бегалци од подрачјата зафатени со војни, како Сирија, Авганистан и Ирак, туку и од Африка, од каде доаѓаат економски мигранти, а не бегалци. Во турските центри за бегалци има сè повеќе луѓе од Северна Африка, особено од Мароко и од Алжир, а голем број Африканци сакаат да дојдат во Европа, бегајќи од диктаторските режими, но и од глад и од сиромаштија“, рекол Церар, пренесува ХРТ.

Тој во разговорот за словенечкото радио ја бранел одлуката на Словенија за поставување жичена ограда на границата со Хрватска, образложувајќи дека тоа се прави поради сè уште големиот прилив на бегалци, а и поради опасноста од далеку поголем бран мигранти, до кој може да дојде напролет.

„Станува збор за сосема нов тип мигранти. Затоа техничките препреки и жичената ограда кон Хрватска се и понатаму потребни, сè додека таа опасност не се отстрани, а треба да се види и како ќе функционира договорот меѓу Европската унија и Турција“, рекол Церар.