Хроника Царината на Табановце спречила шверц на половина килограм марихуана

Царината на Табановце спречила шверц на половина килограм марихуана

Инспектори од мобилната единица на царинската управа и службеници на граничниот премин Табановце, пред два дена спречиле обид за шверц на половина килограм марихуана, соопшти Царинската управа.

Дрогата, која била сокриена во куфер сместен во просторот за багаж на автобус кој сообраќал на редовната линија Кичево – Анзбах, била откриена со помош на царинско куче, кое било користено при прегледот на автобусот.

Возачите на автобусот изјавиле дека куферот им го дало непознато лице на автобуската станица во Гостивар. Одделението за истраги при Царинската управа веднаш почнало истрага за откривање на лицата вмешани во обидот за шверц.

„Царинските инспектори утврдија дека куферот до автобуската станица го донело и го предало на возачите, лицето А.Б. (18) од село Врапчиште, по што истото е лоцирано на територијата на општината Врапчиште и преземени се мерки за негово приведување“, стои во соопштението од царината.

Инспекторите на царината осомничениот го лоцирале и го уапсиле во угосителски објект во селото, откако предходно не го нашле во неговиот дом, каде по налог од Основниот суд – Гостивар извршиле претрес.

Осомничениот бил предаден во надлежност на Основниот суд, а Царинската управа до надлежното јавно обвинителство поднела кривична пријава за неовластено производство и за пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и на прекурсори, информираат од Царинската управа.