Македонија Три лица го претепале секретарот на Бугарскиот клуб во Охрид

Три лица го претепале секретарот на Бугарскиот клуб во Охрид

Oд протестот против Здружението „Цар Борис III“. Фото: Мета.мк

Дваесет и едногодишниот Бугарин од Охрид, Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид, синоќа бил претепан од три лица пред угостителски објект во центарот на градот. Информацијата на Фејсбук ја објави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој извести и дека Пендиков е примен в болница.

„Насилството, омразата и дискриминацијата треба да сопрат! Очекувам моментална реакција од властите во двете земји! Оваа состојба е неподнослива. Политичката класа, медиумите и академската заедница создадоа атмосфера на омраза и прогон на Бугарите. Европските институции, се разбира, ќе бидат информирани“, напиша Ковачев.

Според Костадин Костадинов, претседател на „В’зраждане“ (Преродба), една од повлијателните парламентарни партии во Бугарија, Пендиков е в болница со скршена вилици, искршени заби и черепно-мозочни трауми. Тој рече дека ќе побара бугарскиот министер за внатрешни работи да дојде во парламентот и да одговара на пратенички прашања, а побара и македонската амбасадорка да биде повикана во бугарското МНР и сите европски институции да бидат запознаени со „терористичкиот чин“.

„Не можеме да стоиме и само да го чекаме моментот во којшто ќе прочитаме и вест за убиен Бугарин во Македонија“, напиша Костадинов на Фејсбук.

Инаку, ова не е првиот инцидент со Бугарскиот клуб во Охрид. Пред точно два месеца, било искршено стаклото на клубот. На 7 октомври, наместо свечено отворање на овој клуб, имаше протест, на кој десетици граѓани го искажаа своето незадоволство од отворањето на Здружението на граѓани „Цар Борис III“ во Охрид. Протестот беше организиран од партијата Левица, а беше поддржан од ВМРО-ДПМНЕ.