Подглавна секција Трамп победи во Њу Хемпшир, речиси извесно дека ќе биде републиканскиот кандидат

Трамп победи во Њу Хемпшир, речиси извесно дека ќе биде републиканскиот кандидат

Ова е втората држава која Доналд Трамп ја освои во изборите за републиканскиот кандидат за претседател, а анкетите предвидуваат дека ќе победи и на изборите во следните држави

Фото: Гејџ Скидмор (Gage Skidmore from Surprise, AZ, United States of America), CC BY-SA 2.0 , Викимедија комонс

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп води на изборите за републикански кандидат за претседател во Њу Хемпшир за 12 поени, со 90 отсто од избројани гласови, пренесува Би-Би-Си. Со оваа победа, речиси е извесно дека Трамп ќе биде републиканскиот претседател на претстојните избори.

Досегашните резултати од изборите покажуваат дека Трамп освоил 55 отсто од гласовите, а неговата противкандидатка Ники Хејли освоила 43 отсто од гласовите. Сепак, анкетите предвидоа дека Трамп ќе победи со поголема разлика.

„Сега е јасно дека Доналд Трамп ќе биде републиканскиот кандидат за претседател. Мора да се бориме за клучни вредности сега. Нашата демократија, нашите лични слободи – од правото на избор до правото на глас. Нашата економија, која го забележа најсилното закрепнување во светот од пандемијата. Сите овие работи ќе се во прашање на следните избори“, изјави претседателот Џо Бајден.

Трамп претходно победи на изборите во Ајова, каде освои 51 отсто од гласовите. Во Ајова, Хејли освои 19 отсто од гласовите, а Рон Де Сантис, кој неодамна најави дека се откажува од трката за претседателски кандидат, освои 21 отсто од гласовите.

Хејли вели дека борбата е далеку од готова и очекува победа на 24 февруари во Јужна Каролина, нејзината родна држава, иако досегашните анкети покажуваат дека Трамп води за околу 30 поени.

„Номинацијата на Трамп е победа за Бајден и за претседателство на Камала Харис“, рече Хејли во својот говор по изборите вчера, сугерирајќи дека 81-годишниот претседател нема да може да го заврши својот мандат.

Трамп ја исмеваше Хејли во својот победнички говор.

„Таа држи говор како да победила. Но, таа не победи. Таа изгуби“, рече Трамп.