Македонија Трајанов бара закон за одговорност на уставните судии кои го кршат Уставот

Трајанов бара закон за одговорност на уставните судии кои го кршат Уставот

Отворање постапка за донесување закон за Уставниот суд, во кој ќе се дефинира одговорност на судиите заради прекршување на Уставот, а на сегашните судии да им престане мандатот, бара партијата Демократски сојуз на пратеникот во Собранието, Павле Трајанов.

Од партијата преку соопштение велат дека со одлуката на Уставиот суд за укинување на одредби од Законот за помилување, се создаваат законски основи, односно се декриминализира криминал, со кој „директно се загрозуваат основните демократски и цивилизациски вредност преку слободно кршење на изборните правила од партиските елити, вклучување во нарко-бизнисот, тероризам, како и сексуални напади над малолетници“.

„Демократскиот сојуз смета дека се разурнати темелите на владеење на правото, со што законите нема да важат за сите еднакво и не е можно да се одржат избори. Ако почне процес на аболиција на тие што ја фалсификуваат волјата на граѓаните, тоа ќе предизвика нестабилност во државата и целосна блокада на евроинтеграциските процеси. Демократскиот сојуз предлага да се отвори постапка за донесување закон за Уставниот суд, во кој ќе се дефинира одговорност на судиите заради кршење на Уставот или доколку носи одлуки со кои се нарушува владеење на правото или поттикнува на вршење криминал, а на сегашните судии да им престане мандатот“, стои во соопштението на Демократскиот сојуз.