Македонија Тодоров: Во Македонија ќе се легализира канабисот за медицински цели

Тодоров: Во Македонија ќе се легализира канабисот за медицински цели

Министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска соопшти дека Mинистерството за здравство, по опсежните јавни дебати, ќе поднесе предлог-закон за употреба на канабисот за медицински цели.

– По изнесување на различни искуства и воочување на добивките и ризиците од употребата на канабис во медицински цели, денеска сакам да информирам дека Министерството за здравство во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства подготви предлог-закон за изменување и за дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во насока на легална контролирана употреба на производи од канабис за медицински цели во Република Македонија – изјави Тодоров.

Тој информираше дека во однос на овој закон ќе следуваат уште јавни дебати, а следната ќе биде в недела.

Според предлог-законот, канабисот ќе може да се произведува и да се користи само во Македонија и ќе може да го произведуваат само правни лица.

Физичко лице не смее да произведува коноп за медицински цели, а тоа дело ќе биде казниво според закон.

Предвидено е конопот да се користи за лица што имаат ХИВ, онколошки заболувања, болки и слично и сето тоа ќе биде само по препорака на доктор.

Проекциите се законот да биде готов за околу два месеци, со тоа што во моментов е сè уште на јавна дебата, потоа треба да биде на владина седница и да биде изгласан во Собранието.