Македонија Тодоров: Имаме докази дека одлуката на ДИК за приговорот на Беса е...

Тодоров: Имаме докази дека одлуката на ДИК за приговорот на Беса е незаконска

Шефот на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во втората изборна едница, Никола Тодоров, попладнево на прес-конференција ја образложи тужбата што партијата ја поднесе до Управниот суд во врска со приговорот на Беса и посoчи дека имаат докази кои покажуваат дека одлуката на Државната изборна комисија (ДИК), која го прифати приговорот, е незаконска и е „невиден преседан“.

Според Тодоров, ВМРО-ДПМНЕ ја поднела тужбата поради „повреди од формално-правен аспект на одредбите од Изборниот законик и подзаконските акти, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право“.

Како што образложи тој, одлуката на ДИК е незаконска бидејќи приговорот до ДИК бил поднесен без потпис од овластениот претставник на подносителот на приговорот, односно партијата Беса. Одлуката на ДИК, според ВМРО-ДПМНЕ, е донесена по истекот на рокот од 48 часа утврден со членот 148, став 3 од Изборниот законик.

„Од цитираната одредба, неспорно може да се утврди дека овој рок е преклузивен, што значи дека ДИК не може да постапува и да одлучува по истекот на овој рок“, нагласи Тодоров.

Државната изборна комисија, како што истакна шефот на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, сторила и повеќе процесни повреди на одредбите на Изборнниот законик, односно како доказ била сослушана гласачката од Гостивар, Фатиме Сулејмани, без претходна дискусија и без да се донесе одлука.

За ВМРО-ДПМНЕ е спорно и графолошкото вештачење на потписот на Сулејмани, бидејќи било направено без издадена наредба за вештачење.

„Искрено се надевам и верувам дека судиите на Управниот суд ќе одлучат да ја коригираат оваа незаконска одлука на ДИК и нема да дозволат седум невини луѓе да завршат во затвор заради незаконска одлука на ДИК“, рече Тодоров.

На прес-конференцијата на Тодоров, веднаш реагираше СДСМ, од каде велат дека „обидот на Никола Груевски преку прес-конференцијата на Никола Тодоров да изврши притисок врз Управниот суд е доказ во каква паника е Груевски од промените што следуваат“.

„Укажуваме дека времето за политичари како Груевски заврши. ВМРО-ДПМНЕ веќе е опозиција, мнозинството граѓани избраа промени. Институциите, вклучувајќи го и Управниот суд, се должни да работат единствено во интерес на граѓаните на Република Македонија“, стои во соопштението на СДСМ.