Свет Европа Тинејџер со нарушено ментално здравје го извршил нападот во Лондон

Тинејџер со нарушено ментално здравје го извршил нападот во Лондон

Лондонската полиција соопшти дека 19-годишен тинејџер е напаѓачот што синоќа со нож уби една жена, а повреди пет лица.

Британските медиуми, цитирајќи полициски претставници, јавуваат дека напаѓачот, чиј идентитет не се открива, имал нарушено ментално здравје и оти веднаш по апсењето е сместен во специјална болница. Сепак, полицијата сè уште истражува дали станува за терористички напад.

Тинејџерот синоќа околу 22,30 часот, на лондонскиот Расел сквер, почнал со нож да боде луѓе кои се затекнале на плоштадот. Итната медицинска помош на местото на нападот констатирала шест повредени, но една 60-годишна жена подоцна им подлегнала на раните.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, ги повика жителите на престолнината да останат мирни, но и претпазливи по синоќешниот напад и рече дека безбедноста на граѓаните е неговиот највисок приоритет.