Македонија Тимоние: Некои дадоа ветувања за датумот, а потоа грижата им ја префрлија...

Тимоние: Некои дадоа ветувања за датумот, а потоа грижата им ја префрлија на другите

Кристијан Тимоние, архивска фотографија (04.10.2019) | Фото: Арбнора Мемети

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на денешната прес-конференција истакна дека геополитиката ги надминала реалните очекувања и во јавноста се „создал впечаток дека Преспанскиот договор е единствениот услов за почеток на преговори“.

Тој додаде дека ги пренел во Париз на француските власти силните емоции и разочараноста која се чувствува во земјава по Самитот на ЕУ во Брисел.

„Одредени земји дадоа ветувања, а потоа ја префрлија грижата на другите. Сега и тие треба да поднесат одговорност, а всушност јавноста беше подготвена, а тоа беше дополнителен притисок останатите земји членки за да се произнесат позитивно. Во јуни минатата година Бундестагот не беше подготвен, а требаше да се разговара за реалната состојба на реформите. Потоа мистериозно во текот на целото лето се подигнаа очекувањата дека одлуката ќе биде компензација за преспанскиот договор, а потоа се сменија перспективите“, рече Тимоние.

Според францускиот амбасадор, ништо не е завршено, бидејќи следува самитот во Загреб, а претседателот Емануел Макрон ги признал реформите што се направени, но укажал дека е потребна нова методологија за проширувањето за да бидат подготвени и ЕУ и земјите-членки.