Економија Тевдовски: Новата стратегија за соработка и проекти со ЕБОР ќе се усвои...

Тевдовски: Новата стратегија за соработка и проекти со ЕБОР ќе се усвои до крај на мај

Новата четиригодишна стратегија за соработка со Европската банка за обнова и развој ќе се усвои до крај на мај, најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на Годишните средби на ЕБОР, кои се одржуваат во Сараево.

Во новата стратегија има повеќе проекти, кои треба да поддржат три приоритети: поддршка на конкурентноста, јакнење на регионалната интеграција и поддршка на приближувањето кон ЕУ и насочување кон зелена економија информира Тевдовски.

– Преку проектите согласно со приоритетот за поддршка на конкурентноста треба да се подобрат деловните вештини, да се подобри пристапот до работни места за млади, жени и население кое живее во недоволно покриени подрачја, како и да се подобри конкурентноста на приватниот сектор. За јакнење на регионалната интеграција и поддршка на приближувањето кон ЕУ, пак, ќе се спроведат проекти со кои треба да се подобри поврзувањето преку вложување во транспортна и енергетска инфраструктура, дигитализација и усогласување на деловните практики. Проектите за одржлива енергија и поголема ефикасност при управување со ресурсите се насочени  кон зајакнување на капацитетите на обновлива енергија, да се зголеми енергетската ефикасност и ефикасност на ресурсите како и да се подобри  еколошка инфраструктура на локално и општинско ниво – рече Тевдовски.