Дописници Тетовските гимназијалци ќе следат настава во старото медицинско училиште

Тетовските гимназијалци ќе следат настава во старото медицинско училиште

Наставата на македонски наставен јазик за тетовските гимназијалци ќе продолжи привремено да се одвива во двете згради на старото медицинско училиште. Децата во овие објекти ќе почнат да учат откако, најверојатно месецов, ќе заврши нивната реконструкција. Засега средношколците следат предавања во големата сала на Општина Тетово.

– Па, тука е лошо за следење настава. Ги нема потребните услови. Нема табла, има само една сала, па поради тоа цела настава ни трае час и половина, што е недоволно – изјави ученичка од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово.

Од секторот за образование на Општина Тетово велат дека интензивно се работи на реконструкција на зградите, кои подолг период беа во рунирана состојба. Се работи и на трајно решение за просторниот проблем на тетовските гимназијалци.

– Работиме на добивање дозвола за изградба на објект во рамките на централниот објект на гимназијата, што би било трајно решение за просторниот проблем на гимназијалците што следат настава на македонски јазик. По добивањето дозвола, се надеваме дека централната власт ќе одвои пари за изградба на овој објект, изјави Ахмед Ќазими, раководител на секторот за образование при Општина Тетово.

Инаку, предлогот тетовските гимназијалци привремено да следат настава во двата објекти на старото медицинско училиште, го понуди градоначалничката на Тетово, Теута Арифи. Но, тој беше одбиен од советот на родители и професори при тетовската гимназија. По десетина дена, советот се премисли и го прифати предлогот, со образложение дека најважно е учениците да не губат настава.