Македонија ТАВ: По дојавата за бомба, летовите не се откажани, но сообраќајот е...

ТАВ: По дојавата за бомба, летовите не се откажани, но сообраќајот е моментално запрен

Фото: ТАВ Македонија

Летовите не се откажани, но сообраќајот е моментално запрен, сé додека не добиеме
известување од МВР дека е безбедно операциите на аеродромот да продолжат
по редовниот распоред, информираа денеска од ТАВ Македонија, откако скопскиот аеродром доби дојава за поставена бомба. Освен аеродромот, дојава добија и десетици училишта, хотели, како и трговски центри.

„Меѓународниот аеродром Скопје утрово преку електронска пошта прими закана за поставенa експлозивнa направa. Информацијата веднаш беше пријавена до Министерството за внатрешни работи, a истовремено целиот персонал и сите патници и/или минувачи кои беа затекнати на аеродромот беа безбедно евакуирани, додека единици на Министерството за внатрешни работи прават проверка на објектите на аеродромот“, информираа оттаму.

Мејлови со дојави за поставени експлозивни направи денеска стасале до повеќе училишта, хотели, спортски објекти, како и до скопскиот аеродром. Како што информира Министерството за внатрешни работи, закани за бомби стасале на електронските адреси на десет училишта во Скопје и пет во Битола, како и во Фудбалската федерација на Македонија, хотел „Александар Палас“, хотел „Мериот“, трговски центар „Ист Гејт“, спортска сала „Борис Трајковски“ и Меѓународен аеродром Скопје.