Дописници Тачи: Се залагаме да имаме заменик-премиер Албанец

Тачи: Се залагаме да имаме заменик-премиер Албанец

Претседателот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, од предизборниот митинг кој неговата партија го одржа во Челопек, општина Брвеница, рече дека ДПА постојано инсистира на решавање на етничкото прашање во земјава, сè со цел да ја зачува нејзината стабилност и безбедност.

– Некои велат дека нашата платформа не е модерна, дека го третира етничкото прашање. Па, само да потсетам, во Босна и Херцеговина поради нерешеното етничко прашање се случија големи војни. Затоа сакаме да дејствуваме превентивно и да го решиме етничкото прашање, кое може да се реши само со реализирање на платформата на ДПА – истакна Тачи.

Пред симпатизертие на ДПА, тој порача дека Албанците во Македонија треба да имаат колективен пристап кон остварувањето на нивните права, а не да се пребројуваат дали се 20, 30 или 40 проценти во државата.

– Ваков колективен пристап кон остварување на правата, имаат Хрватите во Босна, Фламанците во Белгија, Италијанците во Швајцарија. Дел од овие националности не се ниту 20 проценти во државата, а ги имаат сите права. Дел од нашата платформа е да имаме заменик-премиер Албанец, а во Собранието да се одлучува консензуално. Ако ова не се спроведе, Албанците ќе бидат на исто рамниште како Бошњаците, Србите, Ромите и другите етнички заедници во Македонија – додаде Тачи.

Лидерот на ДПА, изјави дека неговите политички противници од ДУИ, од политичката кампања направиле циркус и давале лажни ветувања дека ќе го официјализираат албанскиот јазик.