Македонија Свежо овошје од домашно производство и годинава за децата од градинките

Свежо овошје од домашно производство и годинава за децата од градинките

Секое дете, еднаш неделно ќе добие по еден килограм сезонско овошје. Целта е децата да јадат свежо овошје кое е соодветно на сезоната во која се произведува

фото: Министерство за труд и социјална политика, мај 2023 година

Децата од предучилишните установи ќе добиваат свежи сезонски овошја од домашно производство како кајсии, праски, сливи, круши и јаболка во текот на пет месеци, односно секое дете треба да добие по еден килограм овошје неделно. Ова денеска го истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска за време на посетата на детската градинка „13 ноември“ во скопската општина Центар, каде беше заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Тие ја промовираа Програмата за поттикнување на потрошувачка на свежо овошје за 2023 година, која ги вклучува сите градинки во државата и предвидува свежо сезонско овошје за секое дете, секој ден.

Тренчевска информираше дека програмата претставува донација од страна на Владата на Република Северна Македонија.

„Во соработка со компанијата Ново Нордиск и УНИЦЕФ и учество на претставници од релевантни институции, направивме измени во правилникот кои предвидуваат зголемен внес на свежо овошје и зеленчук. Потоа, месечната листа на јадење да биде секој ден различна бидејќи нашето поднебје располага со богат избор на овошје и зеленчук за подготовка на оброците во детските градинки“, посочи Тренчевска.

Министерот Николовски истакна дека програмата претставува продолжение на она што министерството со кое тој раководи го започна минатата година, но сега е со двојно поголем буџет.

„За оваа година, издвоивме 40 милиони денари со кои ќе се откупат 880.000 килограми овошје од прва класа и тоа најмалку  90.000 кг кајсии, 175.500 кг праски, 168.000 кг сливи, 74.000 кг круши, 370.000 кг јаболки. Секое дете, еднаш неделно ќе добие по еден килограм сезонско овошје. Тоа е целта, децата да јадат свежо овошје кое е соодветно на сезоната во која се произведува. Опфатени се 38.000 деца од сите градинки во државата“ изјави Николовски.

Инаку, Тренчевска ја најави и следната активност – едукација за грижа и превенција на здравјето во детските градинки и во семејни услови преку соодветна и правилна исхрана. Со оваа едукација ќе бидат опфатени сите стручни профили – вработени во детските градинки, едукација на децата и на родителите.