Свет Светските лидери го осудија терористичкиот напад во Манчестер

Светските лидери го осудија терористичкиот напад во Манчестер

Европските и светските лидери го осудија терористичкиот напад во Манчестер и изразија солидарност со Велика Британија по синоќешната експлозија на концертот на американската поп ѕвезда Ариана Гранде при што загинаа 22 лица, а 59 беа повредени.

Францускиот претседател Емануел Макрон разговарал телефонски со британската премиерка Тереза Меј и и изразил сочуство, солидарност и уверување дека француските и британските сили ќе продолжат со борбата против тероризмот.

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази шокираност и тага поради нападот и вети дека ќе се бори против оние кои прават такви незамисливи злосторства.

– Овој напад само ќе ја зајакне нашата решеност да продолжиме да делуваме заедно со нашите британски пријатели против оние кои планираат и изведуваат такви нечовечки дела – порача Меркел.

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер рече дека денеска сите тагуваат со Британија, а дека од утре со нив ќе работат на борба против оние кои се обидуваат да ги уништат нивните животи.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск порача дека неговото срце е со Манчестер и дека мислите се со семејствата на жртвите.

Австралискиот премиер Малком Турнбул изјави дека нападот во Манчестер е „брутален, подол и страшен напад на млади луѓе“.

Портпаролот на јапонската влада Јошихид Суга го осуди нападот и изрази сочувство за семејството на жртвите и додаде дека тој терористички напад не може да биде оправдан на кој било начин.