Македонија Судскиот процес за трагедијата кај Ласкарци започна од почеток

Судскиот процес за трагедијата кај Ласкарци започна од почеток

Фото: Мета.мк

Супервештачењето за сообраќајната несреќа кај село Ласкарци стаса на судско рочиште по повеќе од една година, но супервештаците кои требаше да го образложат, не дојдоа во судница. Судскиот процес за овој случај денеска започна од почеток, а роднини на загинатите се сомневаат дека процесот оди во насока да се заборави случајот.

„Супервештачењето го чекавме повеќе од една година, а супервештаците не дојдоа. Тоа создава сомнеж дека овој судски процес оди во насока да избледат сеќавањата и да се заборави“, рече во изјава за медиумите роднина на загинат во несреќата.

Пред речиси четири години, на 13 февруари, автобус на „Дурмо турс“ кој возел на редовна линија Скопје-Гостивар, излета од автопатот во близина на селото Ласкарци. Во несреќата загинаа 16 патници, а 37 беа повредени. Обвинети се сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, но и тројца вработени во станицата за технички преглед.

Судењето за случајот „Ласкарци“ започна на почетокот на септември 2019 година. Наредното судско рочиште ќе се одржи на 20 април. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули кон крајот на ноември 2019 година беше пуштен да се брани од слобода со гаранција.