Македонија Судијата на Јанкулоска од боледување замина на одмор

Судијата на Јанкулоска од боледување замина на одмор

Судијата што го водеше случајот „Тврдина“ се вратил од боледување, на кое беше подолго време. Нему му се слоши на почетокот на април за време на распитот на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која е една од осомничените во случајот кој го отвори СЈО, потврдија за „Мета“ од Кривичниот суд.

Сепак, иако е вратен од боледување, судијата не е на работа, бидејќи, како што додаваат од судот, во моментов тој користи денови од годишниот одмор.

Од Кривичнот суд потврдуваат дека постапката за случајот „Тврдина“ и официјално е запрена, по одлуката на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да ги помилува осомничените, со аболицијата од 12 април, оваа година.

Оттаму не можеа да кажат дали решението за запирање на постапката го донел судијата кој го водеше распитот на Јанкулоска или пак друг судија.

Јанкулоска е третоосомничена во случајот „Тврдина“ што Специјалното јавно обвинителство го отвори против пет лица, осомничени дека минатата година ги уништиле системите во МВР од нелегалното следење на комуникациите, вредни 10 милиони евра.