Видео Студентите со свирчиња ќе ги чекаат пратениците пред Собранието

Студентите со свирчиња ќе ги чекаат пратениците пред Собранието

Неформалната студентска организација „Студентски пленум“ утре, во 11 часот, пред Собрание организира настан наречен „Пратениците го трчаат почесниот круг – реформски маратон“. Во 12 часот, во Собранието ќе се одржи седница на која на дневен ред за гласање ќе бидат измените на законите во образованието.

„Пред пратениците во Собранието ќе се најдат измените за Законот во високото образование в среда. Да одиме и соодветно да ги пречекаме маратонците пред финишот, односно собраниските порти, со громогласен аплауз и со честитки во трката за лоши реформи во образованието!
Ги покануваме сите студенти и граѓани да дојдат со свои пароли и свирчиња за да ги бодриме маратонците во нивната тешка трка – кој прв да стисне „за“ законот и упропастување на образованието“, се вели во поканата на „Фејсбук“ од „Студентски пленум“.

Вчера студентите направија сатиричен видеоклип за процесот на носење на реформите во, како што велат тие, стилот на „Монти Пајтон“.