Дописници Студенчишкото блато во Охрид на чекор да го добие статусот Парк на...

Студенчишкото блато во Охрид на чекор да го добие статусот Парк на природата

На вчерашната 45-та седница, Советот на Општина Охрид ја изгласа предлог-одлуката за предлагање на прогласување на заштитеното подрачје Студенчишко блато во категорија Парк на природата.

На вчерашната седница претходно беше донесен предлог-заклучокот за усвојување на информацијата за изготвената Студија за валоризација на просторот на Студенчишко Блато заради негово прогласување за заштитено подрачје.

Според студијата се предлага реставрација на Блатото и обновување на природната врска со Охридското езеро и понатамошно управување со просторот. Тоа подразбира расчистување на каналот од пловни објекти, да се дислоцираат објектите од плажите, објектот на полицијата, пристапните патишта и расадникот.

„Многу е значајно ова Блато да се стави под заштита заради заедниците и живеалиштата и видови во блатото, но и заради поддршката која му ја дава блатото на Езерото како уникатен воден екосистем“, беше потенцирано на презентацијата на студијата.

Дел од блатото ќе може да се користи како туристичка атракција, како и за научни цели. Исто така, ќе се користи и понатаму традиционалниот начин на обработување на земјоделските површини кои се во приватна сопственост и се дел од површините на блатото, истакнаа изготвувачите на студијата.