Македонија Стопанската комора на Северозападна Македонија финансиски ќе поддржи 15 микро и мали...

Стопанската комора на Северозападна Македонија финансиски ќе поддржи 15 микро и мали компании

Во рамки на пост ковид-19 трансформативната програма, финансиски поддржана и од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, Стопанската Комора на Северозападна Македонија ќе поддржи 15 микро и мали компании. Тие ќе добијат директна поддршка за обезбедување ликвидност, за зачувување на работните места и како и приклучување во ланецот на снабдување на Комората, што ќе значи проширување на домашниот пазар преку стратегија за продажба, преговори, маркетинг активности и управување со кризи, соопштија од Стопанска Комора на Северозападна Македонија.

„Преку програмата ќе поддржиме 15 локални микро и мали компании, кои ќе станат членки на Комората во наредните две години и ќе добијат бесплатно членство во првата година. Тие ќе добијат информации за законската усогласеност, деловни можности и пристап до финансии. Обезбедуваме обуки за далечинско и дигитално работење и е-трговија во рамки на Центарот за обуки на Комората, што ќе резултира со приближување до нови пазари преку дигитализацијата. Комората ќе обезбеди низа промотивни алатки за секоја компанија и создавање маркетинг содржина за социјалните медиуми, видео промоција и организирање состаноци со други бизниси“, вели Дриљон Исени, извршен директор на Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија.

Компаниите добитници ќе бидат избрани преку отворен повик и врз основа на принципот „прв дојден – прв услужен“. Секоја компанија ќе добие сопствена пост ковид-19 трансформативна програма, односно ќе добие изработка на бизнис план, обуки за продажба, онлајн маркетинг, преговарање, потоа менторство како и промотивно видео.

“Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем отсекогаш се позиционирал партнерски кон своите грантисти, настојувајќи да биде што е можно пофлексибилен адаптирајќи се кон моменталните услови на работа. Ова е посебно важно во сегашниве услови на пандемија каде состојбата бргу се менува и е сосема неизвесна. Овој пристап мотивира и придонесува кон изнаоѓање на иновативни решенија за прилагодување на договорените програми на организациите кои ги подржуваме, како што е Комората, создавајќи најповолни услови за постигнување на максимални резултати и задоволување на потребите на крајните корисници на услугите, а тоа се бизнисите“ – вели Дејан Јаневски, директор на проектот.

Комората очекува поддршката да им помогне на компаниите во прилагодување и трансформирање на своите активности согласно околностите од пандемијата со ковид-19.