Свет Столтенберг: САД и Турција треба да најдат решение за спорот

Столтенберг: САД и Турција треба да најдат решение за спорот

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги повика САД и Турција да пронајдат решение за кризата во односите помеѓу двете клучни членки на Алијансата.

Тој ја истакна важната улога на Турција во борбата против тероризмот.

– Ги повикувам САД и Турција да најдат решение затоа што за Алијансата е важно да можеме блиску и меѓусебно да соработуваме, особено во тој регион и затоа што Турција е клучна за нашата борба против тероризмот – рече Столтенберг.

Првиот човек на НАТО предупреди дека воена интервенција против Северна Кореја би имала погубни последици откако американскиот претседател, Доналд Трамп, рече дека дипломатските напори пропаднале.

– Употреба на воена сила ќе има погубни последици. Мислам дека навистина никој не го сака тоа и затоа мора да ги продолжиме напорите за да пронајдеме мирно решение – заклучи Столтенберг.