Дописници Ставен е под контрола пожарот на Осоговските Планини

Ставен е под контрола пожарот на Осоговските Планини

Се проценува дека е опожарена површина меѓу 100 и 150 хектари, која што се протега над селото Бели до Браната Гратче и селото Црвена Нива. Зафатена е шумата сè до селото Лешки

Архивска фотографија за шумски пожар.

Во текот на вечерта и ноќта се гаснеше пожарот на Осоговските Планини, што се закануваше да ги зафати околните села и туристичкиот центар Пониква кај Кочани. Непрекинато во текот на ноќта интервенираа Противпожарните единици на Кочани, Виница, Македонска Каменица и Штип, механизација на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“, служби од Полицијата и Македонски шуми од Скопје.

„Пожарот што избувна вчера попладне е локализиран и се работи на негова целосна елиминација“, соопшти рано утринава Кризниот штаб, по одржаната координативна средба од местото на противпожарната интервенција.

Се проценува дека е опожарена површина меѓу 100 и 150 хектари, која што се протега над селото Бели до Браната Гратче и селото Црвена Нива. Зафатена е шумата сè до селото Лешки.

– Општина Кочани вчера побара налог од Дирекцијата за заштита и спасување за гасење на пожарот од воздух, па и покрај неговата локализација, постои можност и за таква интервенција – информира кочанскиот градоначалник Николчо Илијев, како прв човек на Штабот за заштита и спасување.  

Канадерите најверојатно денеска ќе мируваат, барем на оваа локација, бидејќи првичната проценка е дека екипите го имаат ставено огнот под контрола.

Штетите се проценуваат, а за последиците од пожарот, Кризниот штаб ќе информира во текот на денот. Ова е еден од најголемите пожари во источниот регион, а пламените јазици се гледаа и од Штип.