Свет Балкан ССК: Приватниот сектор во фокусот на „Недела на ЦЕФТА“

ССК: Приватниот сектор во фокусот на „Недела на ЦЕФТА“

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) е панелист на конференцијата „Недела на ЦЕФТА“, која годинава се одржува во Подгорица, по повод 10-годишнината од формирањето и од потпишувањето на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).

Главни негови цели се усогласување на економските односи меѓу државите преку развој на трговијата, комерцијалните активности, зголемувањето на животниот стандард и обезбедување на подобри можности за вработување, како и зголемување на продуктивноста заради постигнување финансиска стабилност.

„Во насока на зголемување на трговската размена, потребно е поголемо вклучување на приватниот сектор во активностите и во мерките за елиминирање на одредени нетрговски бариери, а вклучувањето на градежните услуги, дистрибутивните, потоа услуги за животна средина, како и рекреативни, културни и спортски услуги, ќе значи дополнителен стимул и можност за зголемување на трговијата и економската соработка помеѓу земјите членки на ЦЕФТА“, истакна извршниот директор на ССК, Митко Алексов.

Годинава размената на Македонија со земјите членки на ЦЕФТА е на ниво од 10,7 проценти од вкупната надворешно-трговска размена.

Договорот ЦЕФТА е потпишан на 19 декември 2006 година, од страна на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Косово.

По приклучувањето кон ЕУ, Романија, Бугарија и Хрватска се повлекоа од ЦЕФТА.