Подглавна секција Српски медиуми веќе го сменија Трамп!

Српски медиуми веќе го сменија Трамп!

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, Мета.мк редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Српскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите „Раскрикавање“ посочи на низа лажни вести поврзани со постапката за отповикување од функцијата на претседателот на САД, Доналд Трамп. Неколку портали во Србија објавиле наслови дека САД останале без претседател оти веќе бил отповикан од функцијата, ширејќи лажна вест.

Сервисот „Раскрикавање“ пишувајќи дека тоа е невистина и го објаснува тоа што е веќе познато – дека постапката на отповикување беше завршена во Претставничкиот дом на Конгресот, односно долниот дом на парламентот на САД, но тоа не значи и отповикување на Трамп, бидејќи тоа би се случило само ако Сенатот, горниот дом на Конгресот следниот месец гласа „за“ импичментот на претседателот.

„За такво нешто е потребно двотретинско мнозинство во Сенатот, што значи дека најмалку 20 републикански сенатори би требало да гласаат како нивните колеги од Демократската партија, односно „за“ отповикување на Трамп“, гласи објаснувањето на ВОА што „Раскрикавање“ го пренесува.

Но до тоа тешко дека ќе дојде, бидејќи досега ниту еден сенатор на Републиканската партија не се изјаснил дека ќе гласа за импичмент.