Македонија Средба на Димитров со новиот грчки амбасадор во Скопје, Димитрис Јанакакис

Средба на Димитров со новиот грчки амбасадор во Скопје, Димитрис Јанакакис

Izvor na fotografija: Ministerstvo za nadvorešni raboti

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денес го прими новоименуваниот амбасадор на Грција, Димитрис Јанакакис, кој му ги предаде копиите на акредитивните писма за негово именување за грчки амбасадор во државата. Новиот амбасадор доаѓа во Скопје по подигањето на нивото на Канцеларијата за врски во Aмбасада, што се случи на 31 мај 2019 година.

„Димитров изразил увереност во натамошно продлабочување, збогатување и интензивирање на односите меѓу двете пријателски земји. Го запозна соговорникот со постигнатите реформи и перспективите на евроинтегративните процеси на Република Северна Македонија во контекст на очекувањата за добивање позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври. Во светло на Договорот на Преспа, Димитров изрази очекување дека отворената поддршка на Грција за евроинтегративниот пат на Северна Македонија ќе продолжи и во оваа фаза од процесот, имајќи го предвид заедничкиот бенефит“, информираат од Министерство за надворешни работи.

Димитров изјавил дека „имаме историска шанса со мудра политика базирана на разбирање на соседот, да станеме природни сојузници“.

На средбата се разговарало и за имплементацијата на Преспанскиот договор, како и за развој на севкупната соработка во различни области во насока на интензивирање и збогатување на соработката помеѓу двете држави.