Македонија Средба Ковачевски-Брнз: Соработката со САД да се интензивира со акцент на енергетските...

Средба Ковачевски-Брнз: Соработката со САД да се интензивира со акцент на енергетските проекти

Фото: Влада на РСМ

Новиот премиер Димитар Ковачевски денеска ја прими амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз, на која се разговарало за продолжување на економската соработка меѓу САД и Северна Македонија. Посебен акцент во иднината треба да се стави на поттикнување на проекти и инвестиции кои ќе овозможат трајна и одржлива енергетска независност на земјава, информираат од владината прес-служба.

На средбата беше истакнато дека за Вашингтон Северна Македонија и регионот остануваат важен геостратешки интерес и во таа насока од клучна важност за САД е деблокирање на евроинтеграцискиот процес за земјата, одржување на првата меѓувладина конференција со Брисел и отворање на првите поглавја во процесот за членство во ЕУ.

Премиерот Ковачевски на работната средба со амбасадорката Брнз нагласи дека најавената официјална посета на премиерот на Република Бугарија Кирил Петков и на членовите на неговата Влада за 18 јануари, е добра порака која најавува сериозен исчекор за отворените прашања меѓу двете земји и за изнаоѓање решенија прифатливи за двете страни.

Амбасадорката Кејт Мари Брнз потенцираше дека за САД односите меѓу двете земји како најблиски соседи и сојузници во НАТО е од исклучителна важност и дека од посебно значење е брзото решавање на клучните прашања кои ќе го овозможат континуитетот на процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Инаку, таа му го честиташе изборот за премиер на Димитар Ковачевски и му посака успех во спроведувањето на програмските цели на новиот владин кабинет. Соработката со САД како стратешки партнер на Република Северна Македонија е во врвот на приоритетите на меѓународната политика на земјата.