Свет Балкан Србите од Косово ги бојкотираат локалните избори организирани од властите во Приштина

Србите од Косово ги бојкотираат локалните избори организирани од властите во Приштина

Србите нема да слушаат никого и да служат на ничии интереси, тие сакаат да се борат за интересите на својот народ, рече српскиот претседател Вучиќ

Фото jorono на Pixabay

Србите од Косово денеска ги бојкотираат локалните избори на север организирани од властите во Приштина, каде претставниците на српската заедница во ноември поднесоа оставки од локалните институции, јавува АФП.

Бојкотирањето на изборите во четири општини каде Србите се мнозинство ризикува да ги засили постојаните тензии во последните месеци меѓу косовската влада и Србите, наведува француската агенција.

Инаку, вонредните локални избори се одржуваат во четири општини во северно Косово, а претпладне одѕивот на гласањето беше слаб. Косовските власти ги повикаа граѓаните да гласаат, додека во Србија се апелираше на бојкот.

Изборите се одржуваат нешто повеќе од еден месец откако ЕУ во Охрид најави постигнување договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, кој двете страни не го потпишаа.

Околу 45.000 гласачи, од кои 95 отсто се Срби, можат да гласаат на 19 избирачки места на северот, од кои 13 се контејнери привремено поставени од властите во Приштина. Во првите часови од изборите не е забележан ниту еден инцидент, наведува Франс прес.

Според дописниците на Радио Слободна Европа, до 11 часот гласале вкупно 313 од 45.095 запишани гласачи, што е 0,69% од запишаните гласачи. РСЕ јавува дека се гласа само во местата на северот каде што живее албанско население.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека „само неколку Срби во сите четири општини заедно“ излегле на изборите на северот на Косово.

„Србите нема да слушаат никого и да служат на ничии интереси, тие сакаат да се борат за интересите на својот народ“, рече Вучиќ.

Во трката се натпреваруваат вкупно 10 кандидати од кои само еден е од српската заедница – Слаѓана Пантовиќ како независен кандидат за градоначалник на Звечан.

Другиот српски кандидат од Лепосавиќ, Александар Јаблановиќ од Партијата на косовските Срби, се повлече од изборите пред три дена, тврдејќи дека нема „соодветни услови“ за гласање.

Останатите кандидати се од албанската заедница – од Граѓанската иницијатива Митровица, Демократската партија на Косово и движењето Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти.