Македонија Спасовски: Владата ќе го прифати секој предлог што ќе го подобри законот...

Спасовски: Владата ќе го прифати секој предлог што ќе го подобри законот за ОТА

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски изјави дека Владата ќе го прифати секој предлог што ќе придонесе во подобрување на законите за новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и за следење на комуникациите, како дел од реформскиот процес во безбедносните служби и системот за следење на комуникациите.

– Ние сме подготвени на амандмани по предложеното решение, тоа е демократија за која сите се боревме. Како МВР со внимание ќе пристапиме кон секој од нив и доколку не претставува нарушување на предвидениот концепт за јакнење на реформскиот процес, секој таков амандман може да биде дел од законските решенија – одговори Спасовски на новинарско прашање, по денешното потпишување на протокол за соработка со министерството за внатрешни работи на Албанија.

Тој потенцираше дека постоењето добра волја, само може да придонесе за добар текст на законот, во интерес на граѓаните и општеството.

– Кога постои добра волја, нема скриени намери, кога сакате да градите систем што ќе биде во интерес на граѓаните, ништо не е невозможно. За се може да се дебатира, се што е добро да се прифати, но за тоа се потребни искрени и чесни намери, што е принцип за кој се залага оваа власт- додаде тој.