Македонија Спасовски: Отворањето на границите не е поврзано со изборите, така одлучи Комисијата...

Спасовски: Отворањето на границите не е поврзано со изборите, така одлучи Комисијата за заразни болести

Фото: Арбнора Мехмети

На првиот ден од започнувањето на изборната кампања, техничкиот премиер  Оливер Спасовски, демантираше дека одлуката за отворањето на границите е политичка, односно дека е поради одржувањето на изборите на 15 јули, за да можат непречено да дојдат и гласаат иселениците. Тој рече дека таа била донесена исклучиво како резултат на мислењето на епидемиолозите. Анализите на Комисијата за заразни болести, врз основа на епидемиолошка анализа, покажале дека границите треба да се отворат.

„Ние мораме да научиме да живееме со вирусот, со мерките, и сите заедно да придонесеме колку е можно повеќе, да го држиме вирусот под контрола. ЕУ ги отвори границите за земјите членки, а од 1 јули и кон трети земји, вклучувајќи го и нашиот регион. Мора да го промениме начинот на живот. Колективните мерки за заштита го дадоа својот резултат и максимум. Одлуката за отворање на границите не е во корелација со изборниот процес, туку е донесена строго според проценките на Комисијата за заразни болести“, потенцираше Спасовски на денешната прес конференција.

Порача дека и оваа, но и други владини одлуки, не треба да се злоупотребуваат во изборната кампања.

Тој упати повик до граѓаните да излезат и да гласаат на 15 јули и да ги почитуваат протоколите и мерките за заштита од корона вирусот, а бидејќи, според епидемиолозите, гласањето трае 3 до 5 минути, нема шанси за ризик од зараза.

Спасовски додаде дека сите услови за заштита на здравјето се исполнети, а за време на кампања и на денот на изборите важат истите протоколи за носење заштитни маски, држење дистанца, дезинфекција и ограничување на собирите. Ако е затворена просторија, да има до 30 луѓе, а на отворено, максимум до 50 луѓе.

„Овие избори ќе бидат запаметени затоа што ќе се одржат во услови на пандемија каква во светот не се памети во поновата историја. Да си посакаме да ги паметиме и поради успешно спроведување, да ги спроведеме во фер и демократска атмосфера. Потребно ни е ново активно Собрание и целосна, функционална и политичка влада за менаџирање на економската и здравствената криза. Институциите покажаа капацитет за справување со корона вирусот, но следната фаза мора да биде спроведување на изборен процес со максимална заштита на сите во него“, рече Спасовски.

Нагласи дека се во тек активностите за обезбедување на услови, согласно протоколите за безбедна кампања, за непречена работа на ДИК, на сите избирачки одбори, на целиот систем за мониторинг на изборниот процес. Како и дека за прв пат се организираат избори во Македонија, како земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, што треба да биде уште една мотивација за посебен ангажман за спроведување на изборите по сите европски стандарди.